Анѓушев: Со или без закон, компаниите ќе добијат државна помош

12.03.2018 16:45

Од ноември ќе почне исплатата на државната помош за фирмите што добиле зелено светло од Владата дека ги исполниле условите за поврат на инвестициите. Вицепремиерот анѓушев ги повика пратениците да го усвојат Законот. Но, вели, и тоа да не се случи, парите ќе легнат на сметка на фирмите преку владината програма...

Со или без закон, државната помош ќе им биде исплатена на компаниите- тврди вицепремиерот за економски прашања. Анѓушев вели- огласот за малите и средни фирми ќе биде објавен овој месец, за субвенционирање на инвестициите, големите фирми ќе може да аплицираат во април. Оние шо ќе го минат филтерот, договорите ќе ги склучат во текот на летните месеци. Законот за финансиска поддршка треба да го мине владиниот филтер, неделава да се најде во Собрание. Анѓушев ги повика пратениците да гласаат.

„Оваа година ќе бидат исплатени, ако се искомплицира, овој Закон може за годинава да помине како Програма на Влада, без да има проблем, бидејќи парите во Буџетот се детектирани и јас со гаранција ви кажувам дека ќе се имплементирани“, вели вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.

Документите треба да се адресираат до Агенцијата за технолошки зони или за странски инвестиции. Кој и колку средства ќе добие, апликациите ќе ги филтрира мешовита комисија. Списокот јавно ќе биде обелоденет, а по жалбите ќе решава економскиот тим на Владата, вели Анѓушев. Ги презентираше поволностите, но ги слушна и тековните проблеми во работењето на членките на Сојузот на коморите. И тие ја очекуваат државната помош.

„Сите компании кои имаат намера да ги отпочнат своите инвестициски процеси за идно користење на средствата и во делот за Фондот за иновации или за компаниите кои успеале да направат успешни проекти, иако беше година со предизвици, ќе може да аплицираат за поврат на сопствената инвестиција“, вели Данела Арсовска, престедател на ССК.

Од касата на Европските фондови, владата очекува, в година на располагање да има 40 милиони евра за поттикнување на конкурентноста на малите и средни фирми, грантови што ќе бидат распределени и во регионално неразвиените подрачја. Од Владата очекуваат седум илјади фирми да ги користат можностите за поврат на веќе реализираните инвестиции.

Сузана Фиданска- Стоевска