Велика Британија

Меј: Москва да се изјасни до крајот на денот

13.03.2018 12:51

Меј пред Парламентот рече дека за случајот е најверојатно одговорна Москва и нагласи дека Британија е подготвена да преземе поодлучни мерки.

Британската премиерка Тереза Меј изјави дека Москва мора до крајот на денот да објасни зошто нервниот агенс од руско производство бил употребен за труење на поранешниот шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија. Меј пред Парламентот рече дека за случајот е најверојатно одговорна Москва и нагласи дека Британија е подготвена да преземе поодлучни мерки.

„Јасно е дека г. Скрипал и неговата ќерка биле отруени со воен нервен агенс познат како „Новичок“ развиен во Русија. Поради тоа постојат само две веродостојни објаснувања за тоа што се случило во Салзбури на 4-ти март. Или е ова директен чин изведен од руската држава против нашата земја или руската влада загубила контрола врз нервниот агенс и дозволила да се најде во рацете на други“, рече премиерката Меј.

Тврдењата на британската премиерка, Москва ги отфрли како политички мотивирани и провокација. Портпаролката на министерството за надворешни работи, Марија Захарова рече дека тоа што се случува во британскиот Парламент е циркус и побара од Лондон да ги објави резултатите од истрагата за смртта на Александар Литвиненко и Борис Березовски, како и за други кои под мистериозни околности починале на британско тло.

Американскиот Стејт Департмент издаде соопштение во кое се вели дека САД целосно верува во проценката на Обединетото Кралство дека Русија е најверојатно одговорна за нападот врз Скрипал и оти за тоа не постои никакво оправдување. Вашингтон побара одговорните за злосторството да сносат сериозни последници.

Скрипал и неговата ќерка беа пронајдени во бесвесна состојба на клупа во англискиот град Салсбери пред десет дена. Оттогаш се во критична состојба во болница.

Марина Ристова