Словачка

Повик за предвремени избори по министерските оставки

13.03.2018 12:58

Расте притисокот врз словачкиот премиерот Фицо. Владата на Словачка може да се распушти наскоро. По убиството на новинарот Куцијак, предвремени избори побара една од коалициските партии во Владата. Претедателот на Словачка, Андреј Киска предложи предвремени избори или големи промени во Владата за да се излезе од политичката криза...

Владата на премиерот Роберт Фицо е пред колапс откако неговиот помал коалициски партнер побара предвремени избори поради политичката криза предизвикана од убиството на истражувачкиот новинар Јан Куцијак. По осумчасовни преговори, партијата „Мост- Хид“ инсистира на договор со коалициските партнери за да се закаже вонредно гласање. Во спротивно, си заминува од владата. Премиерот Фицо, којшто владее една деценија, се обидуваше да ја задржи компактноста на својата трипартиска влада. Поради политички притисок, оставки поднесоа неколку министри од кабинетот.

„Подготвени сме да заминеме од коалицијата ако другите две страни не се сложат со предлогот за предвремени избори. Ветуваме дека единствено предвремените избори ќе ја решат ситуацијава“, изјави Бела Бугар, лидер на „Мост- Хид“.

Двојното убиство, на Куцијак и неговата девојка, ги предизвикаа и најмасовните протести по падот на комунизмот пред три децении. Телата беа пронајдени во нивниот стан. Последните текстови на кои работел се однесувале на италијанската мафија и нивната соработка со словачката влада.

„Го поздравувам мирниот начин на изразување поддршка, многумина си го кажаа мислењето, јасни ми се чувствата кои преовладуваа периодов. Не е пријатно да се соочуваме со ваква атмосфера“, вели Петер Пелегрини, партија „Смер-СД“.

„Велеа дека им е доста и дека би било предавство за граѓаните доколку не направат промени. Во моментов, Словачка е земја којашто сака да оди напред“, изјави Вероника Ремисова, партија „Олано“.

„Многу граѓани учествуваа во протестите против беззаконието, корупцијата, и правната држава. Сите на плоштадите се револтирани од владата во која седеа Калинак и Фицо“, изјави Љубомир Галко, партија „САС“

„Народот постојано повторува дека не го сака ова што го имаме денес. Само јавни преговори би биле правични, луѓето мора да се изјаснат“, вели Милан Крајнијак,  партија „СМЕ Родина“.

Коалицијата на Фицо има 78 пратенички места во парламентот со 150 членови. Покрај предвремените избори, опозицијата бара и гласање за недоверба на владата на Фицо. За да ја урнат им се потребни 76 гласа. За да се распишат предвремени избори, потребни се 90 гласови.

 

Маја Филдишев