Управување со земјиште

13.03.2018 13:58

Општините од државата ќе добијат 120 милиони евра со кои ќе се раздолжат кон доверителите. Кредитот ќе го враќаат во рок од 15 или 20 години, со каматна стапка од 2 и 3 насто...

Општините ќе добијат 120 милиони евра преку целосно спроведување на Законот за рамномерен регионален развој. Владата ќе се задолжува во име на локалните самоуправи. Се чекаат понуди од меѓународни институции, а се разговара и со домашните банки за средствата. Според надлежните, долгот на општините во најголем процент е кон домашните компании.

Договорено е сите постапки за отуѓување или давање под закуп на земјиште да се вршат преку Заедницата на единиците на локалната самоуправа, откако општините го добија правото да управуваат со информацискиот систем.

„ЗЕЛС ги доби авторските права врз изворниот код, на трајно користење, но со обврска да го одржува и надоградува овој информациски систем. Приоритетот на ЗЕЛС е сите општини да ги исполнат условите за управување со градежното земјиште и самите да ги спроведуваат постапките во овој систем“, изјави Петре Шилегов, претседател на ЗЕЛС и градоначалник на Скопје.

„Успеавме да воспоставиме систем со кој менаџирањето на градежното земјиште во сопственост на Република Македонија, ќе се води на најтранспарентен начин согласно важечките законски прописи“, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

До крајот на 2018-та година се очекува да бидат пренесени на локално ниво и управувањето со капиталнитеинвестиции, изградбата на основни и на средни училишта, на градинки, здравствени и домовите на културата, како и управувањето со шумите и патиштата.

Се размислува и Центрите за социјална работа да бидат управувани од општините за да станат потранспарентни.

 

Дијана Ценевска