Продолжи судењето за случајот „Тендери“, одложено рочиштето за „Насилство во Центар“

13.03.2018 14:21

Во скопскиот Кривичен суд продолжи рочиштето за случајот „Тендери“. Поранешната министерка Елизабета Канческа- Милевска и нејзините две колешки од ресорот, велат дека не се чувствуваат виновни. СЈО ги товари за незаконски спроведен тендер за изградба на градежни работи за Музејот на ВМРО. Во истиот суд се одложи судењето за насилството во општина Центар.

Го разбирам обвинението како текст, но не можам да најдам во што се состои злоупотребата. Сè што сум сработила е законски и затоа не чувствувам вина, изјави поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа- Милевска на судењето за случајот „Тендери“.

Вина не чувствуваат ниту нејзините две поранешни колешки, кои како членови на Комисијата за јавни набавки, според обвинението и овозможиле на штипската фирма Бетон, без тендер, анекс или договор да ги дозаврши градежни работи на Музејот на ВМРО.

Во Кривичен уште едно судење за предмет на СЈО, она за случувањата пред општина Центар. Рочиштето се одложи, бидејќи еден од обвинетите не се појави во салата поради болест на грлото.

Обвинителката Фетаи побара да му се определи притвор со образложение дека веќе трет пат не доаѓа на рочиште. Судот го одби предлогот како неоснован, бидејќи одбраната достави доказ од лекар за отворено боледување.

Судењето за овој предмет продолжува на 3-ти април.

 

Анита Димитријевска