Политика

Мичел: Македонија и Грција да најдат решение

13.03.2018 15:45

Американскиот помошник- државен секретар за Европа и Евроазија со поддршка за Македонија и Грција. Од Скопје порача двете земји сами да најдат решение. Заев изјави дека процесот е во завршна фаза...

САД ги поддржуваат Македонија и Грција во напорите да најдат заедничко прифатливо решение за името. Единственото трајно решение е она што ќе го постигнат двете страни меѓусебно, истакна помошникот- државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Вес Мичел. Потенцира дека е многу важно двете држави да продолжат со преговорите. Мичел уште еднаш потенцираше дека земјава ја има подршката од САД, кои се вклучени во целиот процес.

„Единственото решение ќе биде заедничкото решение. Мислам дека Македонија презеде големи чекори напред во преговорите со грчките соговорници и сметам дека ова е одлична можност за доаѓање до решение. Што се однесува до самитот на НАТО, тоа набрзо доаѓа, но поканата за членство не е поврзана со точен датум“, изјави Мичел.

Премиерот Заев по средбата со американскиот помошник- државен секретар за Европа, истакна дека Македонија направила голем чекор во спроведување на реформите, па затоа во април очекува чиста препорака, а во јуни и датум за почеток на преговорите со Европската унија. Пред фунционерот од Стејт де партментот посочил дека приоритет за земјава е и членството во НАТО. Во однос на преговорите за името со Грција, Заев рече дека секоја помош од пријателите е добредојдена. Нацрт- спогодбата што официјална Атина ја подготвува ќе биде разгледана, но вели- не мора и да биде прифатена.

„Договорот меѓу двете страни, меѓу мене и премиерот Ципрас, и меѓу Коѕијас и Димитров е дека секој документ што ќе дојде од која било страна, а би бил од помош за конечно решение е вреден за разгледување. Важно е тоа што доаѓа од медијаторот затоа што и двете страни сме согласни дека процесот  мора да продолжи под раководство на ОН, оти и на двете страни ни треба процесот да биде верификуван во ОН“, изајви премиерот Заев.

Помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Вес Мичел прв пат е на балканска турнеја. Пред посетата на Македонија, беше на Косово. Од Скопје замина за Белград на средби со српскиот државен врв.

 

Миле Ристески