Несогласувања во Белата куќа: Трамп го отпушти Тилерсон

13.03.2018 15:57

Американскиот претседател Доналд Трамп го отпушти државниот секретар Рекс Тилерсон. На Твитер му се заблагодари за досегашната соработка која траеше 14 месеци. На негово место доаѓа шефот на ЦИА, Мајк Помпео. Смената во тимот на Трамп се случува пред почетокот на преговорите со Северна Кореја.

Крај на мандатот на американскиот државен секретар Рекс Тилерсон. Поради несогласувањата со претседателот Доналд Трамп, тој е сменет и на негово место доаѓа директорот на ЦИА, Мајк Помпео. На местото на Помпео пак ќе биде поставена неговата досегашна заменичка, Џина Хаспел.

Информациите ги потврди и претседателот Трамп, кој што на социјалната мрежа „Твитер“ му се заблагодари на Тилерсон за досегашната работа, изразувајќи уверување дека Помпео одлично ќе ја извршува во иднина.

„Воениот ветеран и поранешен конгресмен ќе ја продолжи нашата програма во насока на враќање на угледот на Соединетите Американски Држави во светот, зајакнување на сојузништвата, соочување со противниците и барање на денуклеризација на Корејскиот полуостров“, истакна Трамп.

За време на едногодишниот мандат на Тилерсон честопати се случуваше Белата куќа и Стејт Департментот да излезат со различни ставови, а континуираните и јавни несогласувања кулминираа со барањето за оставка што Трамп го доставил во петокот.

По повод оставката на Тилерсон која што денеска е ударна вест во сите американски медиуми, дел од тамошните аналитичари изјавуваат дека тој бил еден од најлошите државни секратари во модерната американска историја и дека шетата што ја предизвикал ќе има долгорочни последици.

Марија Котовска