Политика

Нов обид да се најде решение за Законот за употреба на јазиците

13.03.2018 16:17

Законот за употреба на јазиците утре на пленарна седница. Ќе се бара решение за поднесените над 35 илјади амандмани од ВМРО-ДПМНЕ. Лидерот на опозициската партија потврди дека ќе присуствуваат во законодавниот дом. Бара да се отвори амандманска расправа. Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, пак, смета дека блокадите од ВМРО-ДПМНЕ имаат партиска позадина. Најави испраќање на Законот во Венецијанската комисија...

СДСМ и ДУИ се договараат, ВМРО-ДПМНЕ предупредува- во Собранието нов обид да се најде решение за Законот за употреба на јазиците. Координација на претседателот на Собранието, Џафери со претставници на пратеничките групи и потпретседателите на Парламентот, но без присуство на ВМРО-ДПМНЕ. Опозициската партија останува на ставот дека амандманите треба да се разгледуваат на седница. Ќе учествуваат на пленарката.

Премиерот Заев изјави дека очекува неделава Законот да се донесе. Вицепремиерот Османи вели дека не се сомнева во уставноста на Законот и дека владата самоиницијативно ќе го испрати до Венецијанската комисија за проверка.

Според него, текстот на Законот е прво усогласен со ВМРО-ДПМНЕ, пред да биде усогласен со СДСМ, кога траеле преговорите за формирање на Владата. Смета дека блокадите од опозицијата се со партиска заднина и се за физичко блокирање на носењето на Законот, а не за аргументирана дебата за него.

Додава дека секој има право да се обрати до Уставниот суд доколку се сомнева во уставноста на Законот. Патот на Македонија до ЕУ поминува преку Охрид и дека Законот за јазици произлегува од Охридскиот рамковен договор, рече Османи.

Игор Панов