Законот за јазиците повторно пред пратениците

14.03.2018 10:02

Законот за употреба на јазиците денеска на пленарна седница. Ќе се бара решение за поднесените над 35 илјади амандмани од ВМРО-ДПМНЕ...

Собранието на Република Македонија денеска во 13 часот треба да го започне продолжението на 32-та седница на која на дневен ред е Законот за употреба на јазиците, во трето читање.

Нема официјални информации дали ќе се расправа за амандманите и како или пак пратениците ќе се изјаснат само за законот. Дел од медиумите повикувајќи се на извори од СДСМ и ДУИ пишуваат дека на седницата пратениците нема да се изјаснат за амандманите туку дека ќе гласаат само за законот.

Останува да се види како навистина Парламентот предводен од претседателот Талат Џафери ќе се справи со ситуацијата која ја наметна опозициската ВМРО-ДПМНЕ со поднесување на 35.569 амандмани за Законот за употреба на јазиците, со кој се унапредува употребата на албанскиот јазик во земјата.

Премиерот Зоран Заев во понеделникот изјави дека очекува неделава да биде затворено прашањето за Законот за употреба на јазиците.