Влада на РМ

Договорот за „Казандол“ пред раскинување

14.03.2018 14:44

Исполнети условите за раскинување на договорот со „Казандол“, заклучи Владата на вчерашната седница при што ја разгледала и усвоила информацијата за степенот на изграденост на рударскиот комплекс. Владата го задолжила Министерството за економија во рок од седум дена да подготви информација за раскинувањето на концесијата...

Пробиени рокови, многубројни неправилности при изградбата на рудникот за бакар „Казандол“, утврдила работната група формирана од Владата. Портпаролот Бошњаковски потврди дека договорот е пред раскинување. Финалниот збор ќе го има Министерството за економија. Одлука ќе се донесе за една недела. За Владата, приоритет е здравјето на граѓаните, вели Бошњаковски.

Во изминатите години жителите на Валандово, Гевгелија и на Дојран организираа протести и референдуми за стопирање на изградбата на рудиникот. Од друга страна, инвеститорот „Сардич МЦ“ тврди дека рудникот нема да ја загрози животната средина, бидејќи се работи според највисоки стандарди.

Владата информираше дека е формирана работна група и за изградбата на рудникот „Иловица“ во струмичко. Се прават анализи на терен. Кога ќе биде готов целосниот извештај, тогаш и ова прашање ќе биде разгледано на владина седница, изјави Бошњаковски.

Викторија Милевска