Природните реткости во Македонија ќе се заштитуваат со финансиска програма на ЕУ

28.03.2018 16:25

Седумнаесет локации- природни реткости во Македонија ќе се заштитуваат со финансиска програма на Европската унија. Ќе ја спроведуваат УНДП и Министерството за животна средина. Меѓу проектите е и комплексот Маркови кули...

Марковите кули, комплексот од фасцинантни карпи што со милениуми ги создавала природата ќе се обележува со патокази и информативни табли, ќе доби видео надзор, ќе се заштува од деградација и сѐ што е потребно да се зачува и да остане туристичка и спортска атракција. Проектот е еден од 17-те во земјава кои ќе добијат грантови од Европската унија од вкупно 4 милиони евра.

Токму од овој комплекс и почна промоцијата на програмата на Унијата за подобрувањето на управувањето со заштитените подрачја во земјава.

Двегодишната програма ќе ја спроведува УНДП во соработка со македонското Министерство за животна средина. Целта е да се подигне свеста и кај локалното население да се чуваат природните реткости и туристички и спортски да станат уште поатрактивни.

17-те проекти ќе добијат од 50 до 100.000 евра. Посебно ќе се доделат уште осум грантови од по 400.000 евра за националните паркови: Галичица, Маврово, Пелистер, за трите езера- Охридското, Преспанското и Дојранското, за паркот „Јасен“ и кањонот Матка.

 

Елизабета Митреска