Театар

Премиера на „Без галама“ во МНТ

29.03.2018 14:26

Според текст на Мајкл Фрејн, а во режија на Тони Михајловски, в сабота во МНТ премиерно ќе биде изведена претставата „Без галама“. По „Брачна игра“ ова е второ режисерско остварување на Михајловски во матичната куќа. Овој пат го избира комичниот текст на Фрејн, кој е еден од најдобрите и најиграните текстови во светската драматургија...

„Без галама“ е претстава во претстава, она што се случува на сцената, но и зад неа. Благодарејќи на ротирачката сценографија, публиката ќе има можност да учествува во секој сегмент од создавањето на претставата. Ќе ги види малите пикантерии и „хаосот“ зад кулисите, што прават актерите кога не ги играат своите улоги, откривајќи ги сите тајни на театарската магија. Куќните помошнички се секогаш во центарот на сите сплетки и комични ситуации, вели за својата улогата на Госпоѓа Клакет, Весна Петрушевска.

Со едноставна, но функционална сценографија, за претставата ќе се бара билет повеќе, велат актерите. Оваа урнебесна комедија е предизвик и за дизајнерите.

Игор Џамбазов, Нино Леви, Камка Тоциновски и Арна Шијак се дел од актерската екипа. По премиерата на претставата „Без галама“ на 31-ви март, следната изведба е закажана за 14-ти април.

 

Александра Спировска