Театар

Изложба „Моќта на актерот“ за 73 години постоење на МНТ

03.04.2018 16:54

Изложени се оригинални фотографии на повеќе од 30 актери од далечната 1945/46 година, па сѐ до почетокот на овој век. Актери без кои не е можна речиси ниту една претстава.

По повод 73-годишнината од постоењето на Македонскиот народен театар беше отворена изложбата „Моќта на актерот“. Изложени се оригинални фотографии на повеќе од 30 актери од далечната 1945/46 година, па сѐ до почетокот на овој век. Актери без кои не е можна речиси ниту една претстава.

Кустосот на изложбата Ивана Јарчевска ја отвори изложбата истакнувајќи дека таа е посветена на актерите кои ги имало во разни претстави, актери кои, како што рече, толкуваат големи и помалку големи ликови.

Посветена им е на оние актери на кои најбројни им се т.н. епизодни ликови, без кои не може речиси ниту една претстава. Оние кои се паметат по вештината со која го создале секој лик, му го дале најдоброто од себе, секогаш сигурни во она што го вградиле при неговото оживување на сцената. Многу посветено и дисциплинирано го направиле свој, му ја дале својата душа- рече Јарчевска.

Македонскиот народен театар почнал да работи на 3 април 1945 кога драмскиот ансамбл ја одиграл првата претстава „Платон Кречет“ од советскиот драматург Александар Корнејчук, во превод на Блаже Конески и во режија на Димитар Ќостаров.