Избор за песна на Евровизија 2018

Евровизиски претставници од 25 земји во Тел Авив за најголемиот евровизиски промотивен настан

10.04.2018 11:33

За евровизиските делегации од дваесет и пет земји организаторот подготви низа активности, како свечена церемонија во Тел Авив со црвен килим за евровизиските ѕвезди, разгледување на Ерусалим и гала забава, а настанот традиционално вклучува и засадување дрвца во Претседателската шума, пресконференција и средба на евровизиските претставници со медиумите.

Трета година по ред евровизиски делегации од цела Европа се собраа во Израел, за да бидат дел од четиридневниот промотивен настан насловен „Израел ве повикува“.

За евровизиските делегации од дваесет и пет земји организаторот подготви низа активности, како свечена церемонија во Тел Авив со црвен килим за евровизиските ѕвезди, разгледување на Ерусалим и гала забава, а настанот традиционално вклучува и засадување дрвца во Претседателската шума, пресконференција и средба на евровизиските претставници со медиумите.

Главниот настан е концертот во живо којшто ќе се одржи вечерва на плоштадот Рабин во центарот на Тел Авив.

Ваквите промотивни настани во евровизискиот круг се актуелни цела деценија, откако пред единаесет години во Лондон се одржа првиот промотивен концерт. Но Израел годинава ја издигна организацијата на досега највисоко ниво, поместувајќи го настанот од затворена сала во концерт на отворено со бесплатен влез за публиката, па се очекува вечерва околу десет илјади луѓе да го исполнат плоштадот Рабин и да уживаат во годинашните евровизиски песни.

„Навистина се радуваме и со нетрпение ја очекуваме оваа вечер и најголемиот евровизиски промотивен концерт во историјата“, изјави Тали Ешколи, организатор и продуцент на „Израел ве повикува“.

Настанот е организиран на највисоко државно ниво во соработка со Министерството за надворешни работи на Израел, Министерството за Туризам на Израел, градот Ерусалим, градот Тел Авив, како и Еврејскиот Национален фонд.

„Првпат сме во Израел и воодушевени сме од гостопримството и желбата на домаќинот да ги сподели толку несебично со нас сите убавини на својата земја. За нас и самата промотивна турнеја е нешто ново, организацијата е на највисоко ниво, веќе се запознавме и со голем дел од останатите претставници и атмосферата е навистина опуштена и пријателска “, рече Бојан Трајковски од Ај Кју.

Марија од Ај Кју пак вели дека е воодушевена од средбата со медиумите и фановите.

„Ние постојано читавме позитивни коментари и одлични реакции за песната, но кога во живо ќе ви пријдат луѓе и ќе ви кажат дека „Lost and Found“ е нивната омилена песна и ќе побараат да се фотографираат со вас и ќе ви посакаат искрено многу среќа на Евровизија, тоа е нешто навистина посебно и ни дава уште повеќе енергија за понатаму“, изјави Марија Ивановска.

Израел се надева на победа на Евровизија!

И покрај силната конкуренција и голема неизвеснот за крајниот резултат на Евровизија, Израел негува силни надежи дека ќе победи годинава. Уште од самото објавување на песната “Toy,” на дваесет и пет годишната пејачка Нета, Израел котира високо на обложувалниците, а видеото за песната е најпрегледувано на официјалниот евровизиски канал на јутуб. Сепак има уште еден месец до Евровизија и веројатно многу геополитички прашања коишто ќе одиграат клучна улога за крајниот резултат.

„Се надеваме дека Израел ќе победи наскоро на Евровизија и дека ќе имаме можност повторно да бидеме ваши домаќини“, рече Тали Ешколи.

 

Александра Јовановска