Трговија

Македонија и Србија со заеднички граничен премин на Табановце

12.04.2018 16:35

Усогласени решенијата за отворени прашања во трговската размена. Анѓушев и Љајиќ во Белград договорија отстранување на вонцаринските бариери. Македонија и Србија со заеднички граничен премин на Табановце...

Македонија и Србија први во регионот постигнаа договор за олеснување на сите постапки за пренос на стока и патници на граничните премини, изјавија вицепремиерите Кочо Анѓушев и Зорана Михајловиќ, по денешната средба во Белград на која присуствуваше и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

„Најдовме разбирање во рамките на нашата соработка да воспоставиме една царинска испостава на граничниот железнички премин Табановце и таквата станица да ја финасираме заеднички и да побараме средстава од Фондот за инвестиции за Западен Балкан, за што е веќе разговарано. Се договривме таквиот проект да го почнеме што порано и  мислиме дека во 2019 год. ќе можеме да почнеме со градење“, изајви вицепремиерот Анѓушев.

Разговарано е и за инфраструктурните проекти што ги поврзуваат двете земји, при што Анѓушев изјави дека изградбата на Коридорот 10 е веќе завршена во делот на железницата, а кон крајот на април ќе биде пуштена и последната делница од Демир капија до Смоквица.

И Србија е подготвена наместо во 2020-та година според плановите на ЕУ, почетокот на изградбата на заедничкиот премин да започне во текот на идната година- изјави вицепремиерката Михајловиќ, додавајќи дека и во Србија се довршува изградбата на автопатот преку Грделичка Клисура на Коридорот 10.

„До туристичката сезона ќе може да се помине преку патот низ Грделичка Клисура, која до некаде ќе биде изградена и треба да одлучиме дали така ќе го отвориме или ќе почекаме месец-два додека до есен не биде комплетно изграден автопатот“, изјави  Зорана Михајловиќ, вицепремиер и министерка за градежништво, инфраструктура и сообраќај на Србија.

Вицепремиерот Анѓушев одржа состанок и со министерот за трговија, Расим Љаиќ, на која е  усогласено до потпишувањето на 30-ти јуни на Меморандумот за соработка во областа на безбедноста на храната и ветеринарнството и Меморандумот за фитосанитарна соработка, Србија да ги острани бариерите во трговијата на македонскиот ориз, сувомеснатите и млечните производи.

Во исто време од македонска страна е договорено како привремено решение да се работи на враќање на стариот правилник за контролните маркици за брашното, кој важеше до 7-ми февруари оваа година. Во тој случај,  при увозот на брашното ќе се овозможат услови за непречен инспекциски увид на увозното брашно од страна на инспекторите на македонската Агенција за храна и ветеринарство на граничниот премин, со што ќе се контролира дали маркиците се соодветно залепени на брашното и дали брашното има соодветна деклариција.

Вицепремиерот Анѓушев и министерот Сугарески остварија средба и со претставниците на српските компании, пред кои ги презентираа можностите за инвестирање и мерките за поддршка на стопанството од Планот за економски раст на македонската влада.

 

Оливер Бранковиќ, постојан дописник од Белград за МРТ