Финансии

Богов: Подобро е да се оданочуваат сегментите што досега не беа опфатени

13.04.2018 15:58

„Подобрувањата во одредени аспекти во македонската економија регистрирани последниот период создадоа услови за намалување на каматната стапка на три проценти. Народната банка ќе ги следи европските монетарни политики и соодветно на нив ќе ја уредува својата“, гувернерот Богов од Годишната конференција што се одржува во Охрид. Во врска со плановите за воведување прогресивен данок, вели дека би било подобро Владата да се концентрира сегментите што досега не подлежеле на оданочување...

Иако Европската централна банка сѐ уште се држи до монетарната политика која предвидува инјектирање на ликвидност, поради подобрувањето на некои аспекти во македонската економија НБРМ ја намали каматната стапка на три проценти. Секако дека таа во иднина ќе ги следи европските монетарни политики, со кои од почетокот на наредната година е предвидено покачување на каматната стапка. Ова во Охрид го рече гувернерот на НБРМ, Димитар Богов, кој одговарајќи на новинарско прашање се осврна на најавата за воведување прогресивно оданочување.

За прогресивното оданочување повторно ќе кажам дека тоа си е владина политика, не можеме и не се мешаме во тоа. Но, можеме да сугерираме дека во земјите во регионот каде сивата економија е висока и голем дел од економските активности не се оданочуваат има голем простор да се подобрат јавните финансии преку зафаќање од оние кои што до сега не плаќаат данок“, изјави првиот човек на Централната банка, Димитар Богов.

Евентуалната трговска војна ќе значи забавување на развојот на економијата во глобални рамки, сметаат светските експерти.

„Трговската војна би била лоша вест која негативно ќе се одрази врз економскиот развој во глобални рамки. Воведувањето на трговски бариери ќе придонесе за зголемување на увозните цени, а сето тоа ќе падне врз грбот на граѓаните. Воедно ќе се влошат севкупните состојби на пазарот на капитал и негативно ќе се одрази врз растот на продуктивноста“, смета Јан Сметсгувернер на Централна банка на Белгија.

„Подобрите резултати забележани во еврозоната на почетокот на годината се резултат на зајакнувањето на трговската размена. Силна трговска размена носи напредок и јасно е дека во услови на нејзино нагло забавување можат да се очекуваат негативни економски резултати“, вели Бас Бакеррегионален претставник на ММФ.

Конференцијата претставува одлична можност за размена на искуства со претставници на пошироката меѓународна заедница, особено за клучни прашања од областа на макро - економијата, монетарната политика и финансиската стабилност.

 

Сашо Нелоски