Охрид

Турските туристи ја отворија туристичката сезона на Охридското крајбрежје

16.04.2018 10:57

Вчера на Охридскиот аеродром слета првиот чартер лет од Истанбул со кој допатуваа 180 патници. Летовите Истанбул- Охрид- Истанбул ќе се одвиваат еднаш неделно до крајот на октомври...

Со воден мост, локум, колачиња и торта на охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ беа дочекани првите 180 патници кои попладнето пристигнаа со чартер лет од Истанбул. Од денеска до 21-ви октомври со 23 летови, односно еднаш неделно, се очекува во Охрид да допатуваат над 4.500 патници.

„Доаѓам од Истанбул за прв пат во Охрид. Летот беше добар, очекуваме да си поминеме убаво и сигурна сум дека ќе дојдеме пак“.

Летот мина супер, очекуваме уште подобар престој“.

„Прв пат доаѓам во Охрид. Слушав многу за овој град, за црквите, за тврдината и тоа ќе бидат првите места што ќе ги посетам“- велат туристите кои ги анкетиравме.

Туристите доаѓаат во организација на туроператорот „Татилбудур“, кој има договор со авиопревозникот „Онур Ер“, кој во својата флота има 22 авиони од семејството на Ербас.

„Ова ќе биде значителен придонес за порастот на вкупниот број на туристи, како и за развој на туризмот на брегот од Охридското Езеро. Иако се организирани како туристички пакети, овие летови не се само туристички тури, туку и добра врска меѓу двата града кои ќе придонесат за развој на бизнисот“, изјави Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија.

„Воспоставувањето на оваа авиолинија е доказ дека Р. Македонија е атрактивна за сите авиокомпании. Оттука сакам да најавам дека во најскоро време ќе го објавиме јавниот повик за финансиска подршка за нискобуџетните компании кои ќе понудат нови авиолинии, со што сметаме дека дополнително ќе овозможиме македонските граѓани да летаат по нови цени кон многу метрополи“, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Министерот Сугарески најави дека охридскиот аеродром во иднина ќе биде промовиран како аеродром за нискобуџетни авиокомпании, по што се очекува дека целосно ќе бидат искористени неговите капацитети.

 

Сашо Нелоски