Регион

Ѓукановиќ победник на претседателските избори во Црна Гора

16.04.2018 12:44

Кандидатот на Демократската партија на социјалистите, Мило Ѓукановиќ прогласи победа на претседателските избори во Црна Гора. Во трката, со другите 6 кандидати, поранешниот претседател и премиер, освои 54 насто од гласовите. Ѓукановиќ оцени дека земјата избрала европски пат...

Поранешниот претседател и премиер на Црна Гора, лидер на владејачката Демократска партија на социјалистите, Мило Ѓукановиќ прогласи победа на претседателските избори. Порача дека неговата победа е доказ за непобедливоста на коалицијата која е на власт и дека изборниот резултат е потврда за решеноста на Подгорица да продолжи по патот на Европскиот квалитет на живот и членство во ЕУ.

„Дојде моментот да кажеме дека ги исполнивме ветувањата, дека остваривме важна победа за европската иднина на Црна Гора“, рече Ѓукановиќ.

Ѓукановиќ очекува убедлива победа и на претстојните парламентарни избори.

Според првичните податоци, кандидатот на Демократскиот фронт, Младен Бојачиќ освоил 31,74 насто од гласовите, а Драгана Вуксановиќ од Социјал- демократската партија 7,93 проценти.

„Црна Гора избра како што избра. Се гордеам со мојот резултат бидејќи е резултат на отворена и искрена кампања за сите граѓани“, изјави Младен Бојаниќ, кандидат на опозиција.

„Резултатот се должи на два фактора. Првиот е заробена држава како што стои во извештајот на Европската комисија за напредокот на Западен Балкан. Вториот е проблемот со опозицијата претставена од мојот ценет колега, Бојаниќ, која не обезбеди поддршка од мнозинството“, изјави Драгана Вуксановиќ, кандидат на Социјал-демократската партија.

Западните агенции ја пренесоа веста за победата на Ѓукановиќ истакнувајќи дека победил кандидат чија партија ја одбила Русија и ја одвела земјата во НАТО. Се наведува и дека ова се први избори откако Црна Гора и се придружи на Алијансата и дека се тест за ѓЃукановиќ кој ги фаворизира европските интеграции, наспроти блиските врски со традиционалниот сојузник Русија.

 

Марина Ристова