Евроинтеграции

Заев: Македонија заслужува кристално чиста препорака

16.04.2018 14:20

Утре Брисел ќе го објави извештајот за напредокот на земјите од Западен Балкан. Македонија очекува чиста, безусловна препорака, изјави премиерот Заев. Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и шефицата на дипломатијата на Европската унија, Федерика Могерини, по објавувањето на извештајот за Македонија, доаѓаат во Скопје...

Верувам дека заслужено ќе добиеме кристално чиста препорака за ЕУ и тоа ќе биде дополнителна мотивација да продолжиме понатаму со реформите, изјави премиерот Заев пред утрешниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија.

„Навистина Македонија заслужува кристално чиста препорака. Важни се зборовите во таа препорака, заради тоа што тоа за нас ќе биде охрабрување или обесхрабрување. Важно е за граѓаните, за сите вклучени во реформските процеси. По оваа препорака Македонија продолжува со реформите“, изјави премиерот Заев.

Ден пред објавувањето на извештаите за напредок на земјите од Западен Балкан, шефицата на европската дипломатија Могерини и министрите од земјите членки на унијата во Луксембург, покрај Сирија, ќе разговараат и за пакетот за проширување.

„Утре ќе има важни одлуки на ЕУ за извештаите за Западен Балкан од пакетот за проширување. Ова е стратегиски регион за Европа, и е Европа, иако сѐ уште не е целосно дел од Унијата. Планирам да го посетам регионот од утре вечер. Ќе имам шанса да разменам мислења со министрите на ЕУ за тоа како подобро да работиме со нашите партнери од Западниот Балкан за заедничка безбедност и просперитет“, изјави Федерика Могерини, висок претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика.

Земјите- членки на ЕУ донеле важни одлуки пред претстојниот самит за Западен Балкан на 17-ти мај во Софија, на којшто се очекува Унијата да понуди финансирање на конкретни инфраструктурни проекти во регионот.

Могерини и еврокомесарот за проширување Хан ќе пристигнат во дводневна посета на Скопје за да присуствуваат на Дигиталниот самит. Се предивидува, високиот претставник за надворешната и одбранбена политика на Унијата, Могерини да се обрати во Собранието.

 

Ирина Гелевска