Инфраструктура

Од Табановце до Гевгелија- автопат и пет патарини

16.04.2018 16:06

Почнуваат градежни активности за реконструкција на 30 патишта. Инвестицијата е вредна над милијарда денари- соопшти Министерството за транспорт. Ќе се користат домашни средства, но и пари од Светска банка и од Европската банка за обнова и развој. На делницата Демир Капија – Смоквица ќе има две патарини, но за почеток нема да се наплаќа...

Автопатот Демир Капија- Смоквица ќе биде пуштен во употреба до крајот на овој месец. Возењето по него ќе се наплаќа на две електронски патарини. Едната кај Демир Капија, другата кај Гевгелија, најавија надлежните. Но, оваа сезона по новата автопаска делница ќе се вози бесплатно, сѐ додека не бидат изградени наплатните станици. Системот ќе се синхронизира долж Коридорот 10.

„Во моментов се градат новите патарини кои нема да бидат како постоечките, на нив ќе нема никави застои, ќе бидат електронски, со припејд, со тагови. Ќе има патарини и на тој дел од автопатот, а цената се утврдува согласно Правилник. За новиот дел на автопатот, дозволата за градба е дадена пред неполн месец. Две патарини ќе има, една кај Гевгелија една кај Демир Капија“, вели Зоран Китанов, директор на ЈП Државни патишта.

Автопатската делница се градеше шест години. За новите 28,2 километри беа потрошени над 270 милиони евра. Со пуштањето во употреба, од Табановце до Гевгелија ќе се вози по автопат.

Со над милијарда денари ќе се реконструираат 30 делници. Половина од парите ќе бидат потрошени до крајот на годинава- најавија надлежните.

„Ќе имаме над милијарда денари годинава кои ќе бидат потрошени во делот на реконструкција на регионални патишта, експресни патишта итн., наши средства, но и останати кои дополнително се предвидени од Светска банка и ЕБОР. Реконструкцијата на 5,3 километри пат на потегот од Петровец до Катланово, во вредност од 34 милиони денари, е почната во октомври лани и треба да биде завршена следниот месец. Овој патен правец во минатиот период беше во исклучително лоша состојба и беше неминовно да се направи негова реконструкција“, вели министерот за транспорт Сугарески.

Завршуваат градежните активности на шест патни правци во должина од 58 километри. Од државната каса досега вложени биле 304 милиони денари. До мај треба да биде завршена и рехабилитацијата на автопатот Петровец- Миладиновци и патниот правец Кадино- Хиподром.

Сузана Фиданска- Стоевска