Свет

Неизвесност во Сирија

17.04.2018 10:31

Руски бродови опремени со воени возила одат преку Босфорот кон Сирија. Затишје во Сирија по нападот од Велика Британија, Франција и САД врз владините сили на Башар Ал Асад. Меѓусебните обвинувања продолжуваат. Се очекува анализата од истржаниот тим на Организацијата за забрана на хемиско оружје...

Статус кво и неизвесност во Сирија, а военото присуство од источните и западните сили се зголемува на фронтот. Два руски воени бродови со воени возила преку Босфорот пловат кон руската поморска база Тартус на северниот брег на Сирија, објави британскиот портал „Дејли мејл“. Пловилата превезуваат тенкови, камиони и радари за ракети. И додека Русија ги осудува нападите од Западот, НАТО застана во одбрана на операцијата од Велика Британија, Франција и САД. За генералниот секретар Столтенберг важна е позицијата на Турција во сирискиот конфликт.

„Најостро го осудуваме нападот со хемиско оружје во Сирија зашто ги загрозува меѓународниот мир и сигурност. Виновниците мора да одговараат за тоа. Не постои воено решение за овој конфликт и НАТО целосно ги поддржува напорите на Обединетите Нации. Турција направи многу за Алијансата иако се соочуваше со сериозни безбедносни предизвици“, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

И британската премиерка Тереза Меј ја правда офанзивата во Сирија. Опозицијата ја осуди Меј дека наместо да одговара пред парламентот, таа ги исполнувала желбите на американскиот претседател Трамп. Официјална Москва е револтирана што претходно не е истражен наводниот хемиски напад од Организацијата за забрана на хемиско оружје во Дума.

„Западните земји не сакаат истрага. Си донесоа одлука. Или можеби се плашат дека експертите ќе им ја демантираат верзијата којашто ја користеа како аргумент за почнување на воена интервенција“, рече Александар Шуљгин, руски претставник во ОПЦВ.

Против војната во Сирија, демонстрираа и грчките студенти. Во центарот на Атина беше урната статуата на американскиот претседател Хари Труман. Во судирот со полицијата има и повредени и притворени. Сад најавија нови санкции против Русија, а Москва – реципрочни мерки.

 

Маја Филдишев