Лисабон 2018

Македонија без финале на Изборот за песна на Евровизија

09.05.2018 07:56

По завршувањето на досега најсилното евровизиско полуфинале, според мислењето на евровизиските познавачи, во коешто се натпреваруваа 19 земји, 10 учесници ќе имаат прилика да настапат во големото евровизиско финале во сабота на 12-ти мај.

Австрија, Естонија, Кипар, Литванија, Израел, Чешка, Бугарија, Албанија, Финска и Ирска се десетте финалисти од Првото Евровизиско полуфинале.

Во исклучително силна конкуренција Македонија со песната „Lost and Found“ во изведба на Ај Кју, на авторите Бојан Трајковски и Дарко Димитров не се најде меѓу десетте финалисти заедно со Грција, Исланд, Швајцарија, Белгија, Хрватска, Азербејџан, Ерменија и Белорусија.

Како и самиот превод на нашата песна "Изгубено и најдено" го изгубивме финалето, но најдовме многу нови искуства коишто поради сета укажана доверба од страна на МТВ и македонската јавност, сакаме да ги споделиме со сите вас и останатите идни учесници од Македонија. Покажавме дека со музиката можеме да бидеме конкурентни, бидејќи нашата песна, којашто е комплетно македонски производ, без оглед на тоа што не влезе во финалето беше и сеуште е една од најслушаните годинава“, изјави Бојан Трајковски од Ај Кју.

Тој исто така додава дека Евровизија е огромна платформа којашто низ годините се шири и географски и технолошки и оти музиката е само еден критериум за успешно претставување, но доколку сакаме да бидеме конкурентни во крајниот резултат треба да бидеме свесни како држава и за сите останати критериуми.

Според мислењето на шефицата на македонската евровизиска делегација Мери Попова, Евровизија е проект којшто нуди уникатна можност за претставување на земјата на европско и пошироко светско ниво и тоа државата треба да го искористи на најдобриот можен начин. За да се постигне истото ниво на презентација на земјата во промотивни кампањи на одредени светски медиум, тоа би чинело милони евра, а со учеството на Евровизија се постигнува истата или поголема промоција за земјата со релативно помала сума пари, но секако не и за без пари.

„Евровизија е проект во којшто навидум правила не постојат. Понекогаш е потребна само песна, многу често влијае и геополитичката положба на земјата, понекогаш е пресуден сценскиот настап за повисок пласман, а многу често визуелната презентација и од корен го менува првобитниот впечаток за песната и тука сме сведоци дека некои песни добиваат на вредност со визуелниот перформанс. Во секој случај, едно нешто е сигурно, за да се биде конкурентен на најгледаниот телевизиски спектакл, којшто секоја година ги надминува светските технолошки остварувања потребни се огромни финансии, а нашиот буџет за реализација на овој проект, иако во македонската јавност често се коментира како огромен, сепак во споредба со останатите држави е меѓу најмалите. Факт е дека изминатите неколку години впечатокот за Македонија на Евровизија е променет во насока на тоа дека нашата земја нуди навистина квалитетни композиции, но сметам дека треба да се вложи многу повеќе во севкупното претставување на Македонија на Евровизија, од аспект на сценски настап, промотивна кампања на песната и маркетинг. Не можеме да очекуваме спектакуларен резултат во услови кога севкупниот евровизиски проект на Македонија, чини помалку дури и од употребените пиротехнички ефекти на некои од земјите учеснички на изборот, но и со оние услови со коишто располагаме секој член од делегацијата се вложи максимално, за да го извлечеме најдоброто од овој проект“, изјави Мери Попова, шеф на македонската евровизиска делегација.

Евровизија продолжуа со второто полуфинале на 10-ти мај, а директниот пренос ќе биде емитуван на МТВ со почеток во 21 часот.

 

Александра Јовановска, специјален известувач од Лисабон за МРТ