„Фолк фест Валандово“ на 24-ти и 25-ти мај, ќе се натпреваруваат 19 песни

09.05.2018 15:22

На 24-ти и 25-ти мај по 33-ти пат ќе се одржи „Фолк фест Валандово“. Од 90 пристигнати композиции, уметничкиот совет избрал 19...

Една од најзначајните манифестации „Фолк фест Валандово“ повторно се одржува во мај. Во тридецениското постоење фестивалот зад себе остави песни кои многумина веќе не ги доживуваат како авторски, туку како народни.

Ќе се фокусираме на негување на народната музика по која сме препознатливи во целиот свет, рече министерот Алаѓозовски. Најави подигнување на целокупниот квалитет на манифестацијата.

Во ова фестивалско издание се вклучени голем број професионалци, за да успееме да направиме квалитетен музички производ, рече градоначалникот на Општина Валандово, Костадинов.

За Валандовскит фестивал сум емотивно врзана. Сум учествувала многупати и го паметам убавото чувство. И ден денеска сите си ги потпевнуваме рефрените „Бисер Балкански“, „Една песна“. Композиции што останаа да живеат. Се надевам дека и од овој фестивал ќе останат рефрени што ќе се пеат во иднина- рече советничката за култура, Цветанка Ласкова.

Првата вечер ќе им биде укажана чест на тројца автори чии што песни се најизведувани на „Фолк фест Валандово“. Ќе бидат претставени со по четири композиции.

За претстојното издание на 24-ти и 25-ти мај, од 90 пристигнати композиции, советот избрал 19, рече уметничкиот директор Живојин Глишиќ.

 

Александра Спировска