Македонска филхармонија

Концертна промоција на новиот „Стенвеј“ со маестралниот Евгениј Судбин

10.05.2018 11:06

Славниот пијанист, за македонската публика ќе го изведе популарниот Концерт за пијано и оркестарво a-moll од Едвард Григ. Воедно, на овој концерт ќе биде промовирано новото концертно пијано од марката „Стенвеј“...

Македонската филхармонија вечерва со почеток во 20 часот ќе го одржи симфонискиот концерт „Север и југ“, на кој како солист ќе се претстави маестралниот руско- германски пијанист, Евгениј Судбин.

Славниот пијанист, за македонската публика ќе го изведе популарниот Концерт за пијано и оркестарво a-moll од Едвард Григ. Воедно, на овој концерт ќе биде промовирано новото концертно пијано од марката „Стенвеј“, кое како донација Македонската филхармонија го доби од компанијата „Strabag AG“.

Според „Телеграф“, Евгениј Судбин е „потенцијално еден од најголемите пијанисти на 21-ви век“, а според „Индипендент“, тој е „пијанист со невообичаена чувствителност и префинетост“.

Диригент на концертот е врвниот маестро Даниел Рајскин, а оваа вечер ќе бидат изведени уште три впечатливи дела- увертирата „Маскарада“ од Карл Нилсен, „Процесија до Росио“ од Хоакин Турина и свитата „Шпанска рапсодија“ од Морис Равел.