Самит ЕУ- Западен Балкан

16.05.2018 14:32

Европејците на претстојниот самит во Бугарија ќе се обидат да внесат нов поттик во односите со Западен Балкан. Макрон ќе ја потврди неговата цврста линија дека нема да има нови проширувања...

Oд официјален Париз стигна потврда дека прашањето за проширување на Унијата нема да биде разгледувано во Софија, туку тоа тоа ќе биде во јуни. Имено, непосредно пред самитот од Елисејската палата уште еднаш беше потврдено дека од неговиот избор за Претседател на Франција, пред една година претседателот Макрон беше многу јасен- „Во Унијата, таква каква што е денес, таа е нефункционална, и би било неразумно било какво проширување“.

Значи и ако земјите кандидати бидат подготвени, ако Европската Унија не се реформира дотогаш, тие и понатаму ќе чекаат, ова и покрај предупредувањата, па и на самиот Емануел Макрон, дека тие ќе бидат изложени на други влијанија. Имено во Стразбур пред Европскиот парламент на 17-ти април, францускиот претседател го одложи за подоцна проширувањето на ЕУ за земјите од Западен Балкан, односно по реформата на институциите.

Самитот на европските лидери со своите колеги од Западен Балкан - има за цел да воспостави блиски врски со овој регион каде што Русија се обидува да го прошири своето влијание. Но, општо земено, неколку земји вклучувајќи ја и Франција, одбиваат да прифатат пребрзо нови пристапувања во ЕУ на балканските земји.

Во нацрт- заклучоците за самитот од Софија, до кои дојде АФП, земјите- членки на ЕУ потсетуваат на нивната „недвосмислена поддршка на европската перспектива“, која им е дадена на балканските земји, но тие внимателно избегнуваат користење на зборовите „членство“ или „проширување“.

Текстот ја нагласува и потребата за подобрување на „поврзливоста“ преку инвестиции во транспортната инфраструктура, особено, едукативни и културни размени, како и зајакнување на врските со „заедничките предизвици“, како што се безбедноста и миграцијата.

Во заклучоците изготвени од страна на 28-темина, исто така, не се спомнува прашањето за руското влијание, освен на индиректен начин во ангажирањето за работата со балканските земји „против дезинформациите и други хибридни активности“.

Но, пред да расправаат за Балканот, 28-те првично ќе разговараат меѓу нив, за одговорот на САД по одлуките да се повлечат од Иранскиот нуклеарен договор и да не дадат постојано ослободување за ЕУ за царинските тарифи за челикот и алуминиумот.

Според аналитичарите, ако влошувањето на трансатлантските односи е загрижувачка, иднината на односите со Балканот е исто така клучна за стариот континент.

 

Тони Гламчевски, дописник од Франција за МРТ