Кривичен суд

Почна судењето за случајот „Монструм“

16.05.2018 16:39

Специјалните обвинители кои го преземаа случајот го прочитаа обвинителниот акт со кој шестмина се товарат за тероризам. На рочиштето беа сослушани двајца од обвинетите. Како и претходниот пат тврдат дека не се виновни. Со своите искази открија дека двајцата обвинети Алил Демири и Африм Исмаиловиќ се наоѓаат на Косово, но не дадоа детали за адресите каде престојуваат...

Бегалецот од правдата, Африм Исмаиловиќ престојува во Приштина. Ова го потврди неговиот брат Агим на судењето за случајот „Монструм“. Рече дека преку Вибер разговарал со него, но и дека косовската полиција ја знае неговата адреса. На ова реагираше одбраната. Смета дека обвинителот немал право да поставува вакви прашања.

И обвинетиот Алил Демири бил во Косово, потврди Фејзи Азири кој е единствен од групата којшто е во затвор, но за друго дело. Рече дека пред 20-тина дена зборувал на телефон со него. Но, имал и други контакти. Своевремено разговарал и со високи претставници на партијата ДУИ, со Али Ахмети и со Невзет Бејта, но не за процесот и за убиството, туку, како што рече, за политички и партиски прашања. Од вкупно четворица колку што им се достапни на органите на прогонот, исказ дадоа двајца. Негираат вина.

Судењето за петкратното убиство кај Смилковското езеро почна отпочеток откако Врховниот суд ги укина пресудите и предметот го врати на повторно одлучување. Специјалните обвинители кои го презема случајот во судница дојдоа со истото обвинение.

Петкраткото убиство кај Смилковското езеро се случи на 12-ти април 2012-та година.

Анита Димитријевска