САД

Нема обвинение против Трамп, без оглед на доказите

17.05.2018 13:01

Нема обвинение против Трамп, без оглед на тоа какви докази може да има против него во истрагата за руско мешање во изборите во САД...

Според адвокатот на американскиот претседател, тимот на специјалниот обвинител Роберт Малер не може да поднесе обвинение против Доналд Трамп независно од доказите кои ги поседува против него во истрагата за руско мешање во изборите во САД во 2016 година. Поранешниот градоначалник на Њујорк изјави дека тимот прифатил да се придржува до одредба на Министерството за правда од времето на претседателот Никсон, според која не се дозволува покренување на обвинение против актуелен претседател.

Можат само да напишат извештај. Не може да обвинат. Барем ни признаа откако се боревме некое време. Претедателот има имунитет, па Малер треба да почне да си ја средува истрагата. Mалер ги има сите факти за да донесе одлука. Има 1,4 милиони документи, интервјуираше 28 сведоци. И пак нема ништо. Крајно време е да речеме дека е доста. Доволно го малтретиравме овој претседател“, изјави адвокатот на Трамп, Руди Џулијани.

Во меѓувреме, Трамп призна дека му платил надомест од над 100 илјади долари на поранешниот личен адвокат Мајкл Коен којшто ја подмитил порно-ѕвездата Сторми Даниелс да молчи за аферата со челникот на Белата куќа. Документот со признание што го потпиша претседателот, а го објави американската Канцеларија за владина етика, предизвика коментари меѓу демократите и невладините организации за можно кршење на законот за финансирање предизборни кампањи, кој бара задолжително објавување на трошоците за вршење влијание врз избори. Трамп долго време тврдеше дека не знаел за транскацијата.

Надоместот бил направен уште во 2017 година. И документот бил со потпис на претседателот, па не ми е јасно како можел да не знае што се случува? Слушавме приказни дека Трамп не знаел и не направил исплата, дека Мајкл Коен си постапувал самостојно, но тоа не е вистина“, рече Мајкл Авенати, адвокат на Сторми Даниелс.

Во објавениот документ се прикажани сите финансиски активности и приходи во милионски суми од кирии, лиценци, акции, хотелски бизниси и голф терени, со камати од Индија и од Дубаи.

 

Маја Филдишев