Разговори за името

Заев: Една опција може да биде прифатлива за двете страни

17.05.2018 13:56

Една опција прифатлива за двете страни- премиерот Заев по средбата со Ципрас во Софија. Продолжуваат консултациите во двете земји. Во Брисел оптимизам дека Скопје и Атина ќе постигнат договор..

Во Софија, на маргините на самитот ЕУ- Западен Балкан, тет-а-тет средба меѓу македонскиот и грчкиот премиер Заев и Ципрас. Потврда на досега договореното, поддршка за продолжување на процесот, како и обиди за приближување на позициите во однос на спорните прашања, теми на разговорот меѓу двајцата премиери.

„Утврдивме една опција којашто може да биде прифатлива за двете страни. Само, јас сум Зоран, мојот контрапартнер е Алексис и ние сме само луѓе. Мораме да внимаваме како тоа институционално ќе биде спроведено, мора да разговараме со претседателите на двете држави, со другите лидери, шефовите на опозициите“, рече премиерот Заев на прес- конференцијата во Софија.

Премиерот рече дека следуваат брифирања со сите релевантни политички партии во државите и презентирање на можното решение, а доколку не дојде до истото, останува да се преговара до есен.

Иако деновиве средбата се најавуваше како клучна во процесот на решавање на разликата за името, во последните изјави од македонската и од грчката страна, воздржаност дека токму оваа средба може да донесе конечен договор. Во Брисел, пак, оптимизам дека Скопје и Атина ќе постигнат договор.