Здравство

Несродна трансплантација на матични клетки отсега на Клиниката за хематологија

17.05.2018 14:28

Отсега пациентите со малигни заболувања на крвта кои немаат сроден дарител ќе се лекуваат на Клиниката за хематологија. Обучен е тим на домашни лекари школувани во странство. Од ресорот здравство очекуваат заштеди во буџетот...

Пациентите со малигни заболувања на крвта кои немаат сроден дарител на матични клетки ќе се лекуваат во земјава. Трансплантациите ќе ги извршува македонски тим на лекари на Клиниката за хематологија кои биле на обуки во Германија, Словенија и Америка. Македонија има пристап до европскиот меѓународниот регистар на дарители за коскена срцевина. Набавени се и лекови кои интервенцијата ќе ја направат сигурна.

„Требаше да се воспостават европски стандарди и услови за хоспитализација. Требаше да имаме непречен пристап до европските и меѓународните регистри на дарители за коскена срцевина. Требаше да се зајакне мултудисциплинарната соработка, бидејќи основно е да разбереме дека трансплантацијата претставува тимска работа. Тука не е вклучен само тимот од Клиниката за хематологија туку и тимови од сите тимови од Клиничкиот центар“, изјави Ирина Пановска Ставридис, директор на Клиниката за хематологија.

По 20-тина пациенти годишно од земјава се праќаат во странство за трансплантација на матични клетки од несроден дарител. Интервенцијата чини од 150 до 200 илјади евра.

„Трошокот во текот на 2017-та година за 25 пациенти кои беа испратени во странство за оваа метода изнесуваше помеѓу 150 и 200 илјади евра по пациент. Планираме сериозни заштеди на буџетот околу 75 проценти од парите кои сега ги плаќаме за лекување во странство. Парите ќе ги вложиме во нашиот здравствен систем“, рече министерот за здравство, Венко Филипче.

Првата трансплантација на матични клетки од фамилијарен дарител во земјава е направена пред 17 години. Оттогаш се изведени околу 440 трансплантации кај пациенти болни од хематолошки заболувања.

 

Андријана Атанасовска