Земјоделство

Почна исплатата на субвенциите за тутунот

17.05.2018 15:52

Почна исплатата на субвенциите за тутунот од ланската реколта. Зголемување за производството на жолтото злато ќе добијат околу 23.400 тутунари. За годинава е постигната највисока просечна цена од 217,6 денари за килограм...

Тутунарите застанаа пред банките да си ги подигнат субвенциите за ланската реколта тутун. Велат, добредојдени се, почнува новото тутунопроизводство, а трошоците се големи.

Родот квалитетен, помина главно, прва и втора класа. По ново, субвенциите се 80, односно 70 денари за килограм за прва и втора класа, а за другите класи по 60. Дел од банките исплаќаат на шалтерите, дел ги прокнижувата парите на сметките на тутунарите. Навалицата се очекува од утре.

Според Министерството за земјоделство, веќе 80 насто или 22 милиона евра преку платежната агенција се легнати на сметките на производителите. Ќе се стимулира производството на оваа стратегиска култура која носи девизен прилив. За сите субвенции ќе се запази законскиот рок.

Во Македонија со тутунопроизводство се занимаваат 24.000 семејства, а последната реколта тутун постигна највисока просечна цена од 217,6 денари. Со законските измени догодина ќе ги нема евидентните листови, а бројот на откупувачи на тутун, а и конкуренцијата, се зголемени.

 

Елизабета Митреска