Случај „Тенк“

СЈО бара осудителна пресуда за Груевски и Поповски

17.05.2018 16:14

Во скопска единица завршни зборови за случајот „Тенк“. Специјалното јавно обвинителство побара судот да ги прогласи за виновни поранешниот премиер Груевски и екс помошник- министерот во МНР, Поповски, и да ги платат судските трошоци во висина од 313 илјади денари. За поранешната министерка за внатрешни, постапката е издвоена. Одбраната пак, посочи дека набавката на мерцедесот била непходна поради безбедносни и технички причини.

СЈО побара осудителна пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот помошник- министер Ѓоко Поповски и да ги платат судските трошоци во висина од околу 5.000 евра.

Специјалниот обвинител Бубевски во завршните зборови, посочи дека Груевски додека бил премиер, дејствувал со директна умисла и делото го направил од лична желба, но со буџетски средства.

Ѓоко Поповски за МВР свесно донесол одлука за незаконска јавна набавка во која со однапред договорена техничка спецификација се фаворизирал „Мак Ауто Стар“ како економски оператор, бидејќи само тој одговарал на понудата, поради посебните услови за сертификат за сервисирање на мерцедесот С-600 Гард. Обвинителите цитираа разговори од аудио снимките.

Во завршните зборови одбраната побара ослободителна пресуда. Адвокатите ги спореа вештачењата и аудио разговорите како доказ, а се повикаа и на пресуди од Стразбур. Побараа бомбите да бидат игнорирани, бидејќи во спротивно судот ќе изврши дискриминација врз основа на политичка припадност спрема обвинетиот Груевски.

Груевски, Поповски и поранешната министерка на Министерството за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, на која ѝ се суди во одвоена постапка, се обвинети за набавката на луксузниот мерцедес од 600 илјади евра.

 

Фиљана Кока