Железница

Асани- Папукчиски: Железничко поврзување на Македонија и Бугарија до 2023-та година

17.05.2018 16:30

Македонски железници- инфраструктура и Бугарските железници најавуваат дека железничкото поврзување на двете држави ќе биде реалност во 2023-та, односно две години порано од предвиденото. Вкупната инвестиција за железничкиот Коридор 8 на македонската страна се проценува на 600 до 700 милиони евра.

До крајот на годината ќе биде распишан тендер за претквалификација на изведувачи за третата и најтешка делница на пругата кон Бугарија, од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир. Потребни се 3,5 до 4 години за пробивање на најдолгиот заеднички тунел во должина од 2.383 метри и затоа до крајот на годината се најавува потпишување на договорот со изведувачот за да можат да почнат градежните работи, доколку сакаме завршување на пругата меѓу двете земји до 2023-та, две години пред предвидениот рок.

„Ние гледаме голема можност тоа поврзување да го имаме во 2023-та година. Тоа значи дека ние мислиме дека ќе можеме да почнеме да градиме откако ќе биде завршена финансиската конструкција“, изјави Ирфан Асани, директор на ЈП-МЖ Инфраструктура.

Веќе сме во фазата на проектирање и рано е уште сега да говориме за вкупната вредност на проектот на бугарската страна, вели директорот на Бугарските железници Папукчиски.

„Мислиме дека намерата во 2023-та да имаме железничка врска меѓу двете држави е реална и на крајот на годината да се поздравиме на границата, на тунелот на Деве Баир, со веќе изграден коридор и да го пуштиме првиот воз од Скопје до Софија“, изјави Красимир Папукчиски, директор на Бугарски железници.

Вредноста на пругата од Куманово до Деве Баир се проценува на 600 до 700 милиони евра, односно 145 за втората, 360 за третата и 42 за првата делница, од која во сообраќај се 8 километри. Досега се обезбедени 140 милиони евра, а Владата преговара за побрзо затворање на финансиската конструкција.

 

Свето Николовски