Три претстави од странство и три од Македонија ќе се натпреваруваат на „Гола Месечина“

21.05.2018 17:02

Директорот на Театар Комедија, Сашо Ристовски и селекторот на Фестивалот, актерот и режисер Роберт Ристов, информираа дека годинава ќе се натпреваруваат три претстави од странство и три од Македонија.

Програмата на петтиот по ред меѓународен фестивал на комедијата „Гола месечина“ што ќе се одржи од 18 до 24 јуни во Спортскиот центар Ново Лисиче беше презентирана денеска на прес-конференција во Театар Комедија.

Директорот на Театар Комедија, Сашо Ристовски и селекторот на Фестивалот, актерот и режисер Роберт Ристов, информираа дека годинава ќе се натпреваруваат три претстави од странство и три од Македонија. Последниот ден кога ќе бидат прогласени победниците, фестивалот ќе се затвори со детска претстава и стендап комедија.

Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, изјави дека ова е уникатна можност за сите љубители на театарот да проследат квалитетни претстави од македонската и меѓународната сцена и ги покани граѓаните да бидат дел од оваа културна манифестација.

Општина Аеродром годинава издвои еден милион денари за поддршка на овој културен настан и дава логистичка и медиумска поддршка.

Инаку, на Фестивалот ќе бидат доделени награди за најдобра режија, најдобар актер, најдобра актерка и за најдобра претстава во целост. Од оваа година фестивалот внесе уште една категорија на награда – награда за епизодна улога.