Оперската дива Елена Мошуц ќе го отвори 58-то издание на „Охридско лето“

28.05.2018 14:00

На 12- ти јули во Античкиот театар во Охрид на спектакуларен начин ќе биде отворено 58- то издание на фестивалот „Охридско лето“. Светската ѕвезда, сопранот, Елена Мошуц ќе им се приклучи на плејадата врвни уметници кои ја отвориле најзначајната музичко- сценска манифестација во земјата. Во текот на четириесетте фестивалски дена во рамките на фестивалот ќе има 50 настани кои ќе ги задоволат вкусовите и на најпробирливите љубители на музичката и драмската уметност...

Со настапот на свестката оперска дива, романско-швајцарскиот сопран, Елена Мошуц, тенорот-Калин Братеску и симфонискиот оркестар на Македонската филхарминија, под диригентската палка на Николае Молдовеану на 12-ти јули ќе биде отворено 58- издание на Фестивалот „Охридско лето“. Манифестацијата годинава ќе понуди програма базирана на врвна класична музика и театар со голема естетика, при што на охридските летни сцени ќе продефилираат врвни уметници од 27 земји.

„Охридско лето за своето 58 издание може да се пофали со ексклузивна и грижливо одбрана програма. Охрид и Македонија ова лето ќе бидат домаќини на 800 врвни уметници, изведувачи и автори од повеќе земји, атрактивни и звучни имиња, кои годинава ќе се запишат во елитниот уметнички свет и ќе направат уште едно успешно фестивалско издание“, изјави министерот за култура, Роберт Алаѓозовски.

Продолжуваќи ја традицијата „Охридско лето“ и годинава ќе биде симбол за неповторливо уметничко доживување. Магијата на бројните светски музички гласови и големиот творечки дух на врвните театарски претстави ќе бидат дел од 50-те настани на годинешното фестивалско издание“, рече Сузана Вренцоска- директор на фестивалот „Охридско лето“.

Музичкиот и драмскиот селектор најавија повеќе ексклузивни концерти и возбудливи театарски претстави.

„Годинава со понудената програма и ексклузивните уметници, Охрид повторно ќе стане вистинска културна метропола, како и до сега, ќе привлече бројни посетители, кои доаѓаат од други земји и тоа само заради овогодинешните ѕвезди и квалитетната програма“, изјави м-р Васо Ристовмузички селектор на Фестивалот „Охридско лето“.

„Мислам дека Охрид носи една прекрасна порака и би сакал таа да ја искористам, и луѓето кои што ќе дојдат тука, да станат на некој начин и наши амбасадори и ќе пренесат некои свои впечатоци од сите тие гостувања“, вели Александар Поповски- драмски селектор на фестивалот „Охридско лето“.

До отворањето на фестивалот по светски стандарди ќе биде реновирана една од најубавите летни сцени- Долни Сарај, за што Mинистерството за култура издвои еден милион и четиристотини илјади денари.

 

Сашо Нелоски