Три концерти на Македонската филхармонија до 3-ти јуни

29.05.2018 11:42

На 3-ти јуни за првпат во Македонија, ќе биде изведено спектакуларно 3Д Мапинг шоу, односно мултимедијален перформанс под наслов „И коњите ги убиваат, зарем не?“, во копродукција на Македонската филхармонија и 3Д Проект Студио.

Македонската филхармонија, од 30-ти мај до 3-ти јуни, приредува три интересни настани.  Утре во Камерната сала во 20 часот, концерт ќе одржи Квартетот тромбони на Македонската филхармонија во состав: Димче Белчовски, Бранко Илиевски, Никола Ристевски- тромбони и Александар Ниниќ- туба. Како гости на концертот ќе настапат Маријана Николовска на пијано и Славчо Коцев на тапани.

Концертот на Квартетот тромбони носи наслов „Класиката го сретнува џезот“, а ќе бидат изведени атрактивни дела од Гершвин, Рубинштајн, Кармајкл, Ф. Давид, Д. Хадад, Л. Нихаус..., композиции кои се фантастичен микс од техниките на западната класична школа и џезот.

На 1-ви јуни во 20 часот, пак, ќе се одржи традиционалниот концерт „Младите доаѓаат“ со учениците од Државните музички училишта во Македонија, на кој ќе се претстават млади, талентирани музички уметници кои по пат на аудиција се избрани да настапат како солисти со оркестарот на Македонската филхармонија. Диригент на концертот е маестро Фи Фи Ле, а ќе бидат изведени дела од Глук, Аколаи, Моцарт, Лало, Хајдн, Лист, Сен-Санс, Росини, Хачатуријан...

На 3-ти јуни, за првпат во Македонија, ќе биде изведено спектакуларно 3Д Мапинг шоу, односно мултимедијален перформанс под наслов „И коњите ги убиваат, зарем не?“, во копродукција на Македонската филхармонија и 3Д Проект Студио.

Покрај аудио и видео сензацијата, ќе биде вклучена и актерска игра, а во главната улога ќе настапи актерот Дејан Лилиќ. 3Д Мапингот е базиран на музички аранжман од страна на Џијан Емин, но и од легендарните хитови на групата „Лед Цепелин“, испреплетени со музичките дела на Дмитриј Шостакович и миленикот на Кјубрик - Арам Хачатуријан. 3Д Мапингот и видео анимациите се дело на Милчо Узунов. Настанот е во режија на Златко Славенски.