„Аида“ ги затвора 46. Мајски оперски вечери

31.05.2018 11:54

Во насловната улога на операта, со која традиционално се затвора фестивалот, годинава ќе настапи сопранистката Ана Лукреција Гарсија од Венецуела. Режисер е Дејан Прошев, кореограф Снежана Филиповска, а диригент Бисера Чадловска.

Со операта „Аида“ на Џузепе Верди вечер ќе завршат 46. Мајски оперски вечери. Во насловната улога на операта, со која традиционално се затвора фестивалот, годинава ќе настапи сопранистката Ана Лукреција Гарсија од Венецуела. Режисер е Дејан Прошев, кореограф Снежана Филиповска, а диригент Бисера Чадловска.

Во приказната за љубовниот триаголник меѓу робинката Аида, командирот на војската Радамес и принцезата Амнерис ќе учествуваат и Валтер Фракаро од Италија и Софија Јанелидзе од Грузија. Во останатите улоги се првенците на МОБ – Владимир Саздовски, Невен Силјановски, Марјан Јовановски, Александара Лазаровска Василевски и Марјан Николовски.

На оперската изведба ќе претходи  ретроспектива на достигнувања во оперската уметност на примадоната Данка Фирфова по повод 100 години од нејзиното раѓање. Таа е доајен и една од најмаркантните личности во музичката историја на Македонија, која припаѓа во редот на првите македонски драмски сопрани.

Мајските оперски вечери годинава беа во знакот на 160 години од раѓањето на италијанскиот композитор Џакомо Пучини и се одржаа под мотото „Го славиме Пучини“. Фестивалот почна на 9 мај со неговата опера „Боеми“, а беа изведени и „Тоска“ и „Турандот“.

На годинашните Вечери гостуваше и претставата „Змејот од Босна“ од Националната опера на Босна и Херцеговина и имаше два гала-концерта – „Балетски бисери“ и „Пучини&Росини“, како и придружна програма со изложби и промоции на книги.