Царинска управа: Се подготвува нов закон за акцизите

01.06.2018 14:33

Се подготвува нов закон за акцизите. Давачките за возилата ќе се регулираат преку посебен данок, велат од Царинската управа. Од денеска се воведува и електронско определување на вредноста на половните возила. Приходите во Царинската управа бележат раст од 8,42 проценти за периодот јануари - мај годинава, споредбено со лани...

Се подготвува нов Закон за акцизи и возила кој предвидува возилата да не подлежат на акциза, велат од Царинската управа. Со новиот закон, давачките ќе се регулираат преку посебен данок кој ќе се утврдува врз основа на емисијата на издувните гасови, амортизацијата и горивото. Од Царинската управа посочуваат дека почнува и електронската пресметка на вредноста на увезените половни возила, според бројот на шасијата.

„Со ова електронско определување на вредноста на моторното возило се овозможува транспарентност и она на што се жалеше деловната заедница – субјективизмот при определеување на цената на возилата што се царинат, така што на овој начин ќе добиеме реална цена што нема да подлежи на субјективизам“- рече директорот на Царинската управа, Ѓоко Танаскоски.

Според првиот човек на Царината ова ќе овозможи поголема транспарентност. На овој начин ќе се добие реална цена. Досегашното решение за минимална и максимална цена за царинење давала можност за субјективност.

Царината во првите пет месеци реализирала наплата на приходи за 4,3 проценти повеќе од планираното за 2018-та година и за 10,7 проценти повеќе од 2017-та година. Новите закони според Царината се подготвуваат поради потребата да се усогласат со законодавството на ЕУ и се очекува во владина процедура да влезат до крајот на годинава.

 

Дијана Ценевска