Економија

Две нови странски инвестиции во ТИРЗ Скопје

04.06.2018 10:58

Две нови странски инвестиции најави вицепремиерот Анѓушев. Компании од Обединетите Арапски Емирати и Турција треба да вложат 11 милиони евра. Работа се најавува за 160 луѓе. Идната недела на владина седница ќе бидат потврдени договорите за државна помош...

Во првото тримесечие годинава имало рекорден износ на странски инвестиции во вкупна вредност од 235 милиони евра, истакна вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев. Како што рече, ова е највисоко ниво на странски вложувања во споредба со било кој квартал во последниве 12 години, а е многу повеќе во споредба со целата 2017-та.

Најави дека на владина седница идната недела, ќе бидат потврдени договорите за државна помош со две странски компании кои ќе инвестираат околу 11 милиони евра. Планираат да вработат околу 160 лица.

Вицепремиерот информира дека досега е контактирано со двеста потенцијални инвеститори, потпишани се 12 договори со странски вложувачи, со 4 фирми се во завршна фаза, а со уште триесетина странски компании се преговара за влез на нивниот капитал во земјава.

Најави дека е во фаза избор на консултански куќи кои ќе ги подготват пакетите за приватизација на „Колска“ и „Еурокомпозит“. Според него, за тие компании има заинтересирани инвеститори и е убеден дека тие фирми ќе имаат иднина.

Вицепремиерот укажа на потребата за градење на стратегија за обновување на агроберзата, која треба да биде платформа, преку која по регулирана постапка, приватните компании ќе ги откупуват земјоделските производи, а производителите воедно да бидат заштитени.

 

Игор Панов