Свет

Најмалку 25 жртви во вулканската ерупција на Фуего, Гватемала

04.06.2018 12:52

Катастрофална ерупција на вулканот Фуего во Гватемала. Жителите не биле предупредени поради што најмалку 25-мина од нив загинале, над 300 се повредени. Голем е бројот на исчезнатите...

Катастрофална ерупција на вулканот Фуего во Гватемала, при што загинаа најмалку 25 луѓе, а речиси 300 се повредени. Локалните власти соопштуваат дека расте и бројката на исчезнати. Како што информираат од локалниот Институт за вулканологија, станува збор за еден од најактивните вулкани, кој исфрли стопени карпи и пепел, а потоа и лава со температура до 700 степени.

Огромните облаци со вулканска материја можеше да се видат од различни делови на земјата, а пепелта што се наталожи на четирите области во земјата ги вознемири граѓаните. Страотната река од лава го погоди и селото Ел Родео и усмрти луѓе кои биле заробени во своите куќи.

„Голем дел од луѓето не можат да излезат и останаа заробени во домовите. Кога ја видовме лавата како се приближува трчавме како полудени преку ридот“, изјави Консуело Ерндандес, жител на Ел Родео.

Поради опасност од поинтензивни ерупции, евакуирани се повеќе од 3000 жители. Големо количество пепел на пистата предизвика затворање на аеродромот во главниот град.

Претседателот Моралес прогласи тридневна национална жалост. Вжештениот кратер е висок речиси четири илјади метри и се наоѓа на само 40-тина километри од главниот град Гватемала.

 

Анита Димитријевска