Словенија

Јалова победа на Јанша

04.06.2018 13:09

Јалова победа на десничарот Јанша на вчерашните избори во Словенија. Освои 25 насто од околу 850 илјади гласови, што нема да му биде доволно сам да формира влада. Партијата на Церар, досегашниот премиер, падна на третото место, со 9 насто гласови, втора е листата на Шарец со околу 12 проценти. Јанша најави водење антиимигрантска политика...

Со освоени 25% од гласовите, антиимигрантската опозициска партија во Словенија се пласираше на првото место на парламентарните избори. Централно-десничарската „Демократска партија“ на поранешниот премиер Јанез Јанша веројатно ќе има проблеми да состави влада, пред се, поради тврдокорниот став околу мигрантското прашање, што го намали бројот на потенцијални коалициски партнери. Гласачите од многу источноевропски земји на Европската унија, особено во Унгарија и Полска, им се придружија на партиите коишто се против планот за прифаќање на баратели за азил под одредена квота.

„Верувам дека ќе биде направен првиот чекор кој ќе ја претвори Словенија во држава во која Словенците ќе бидат на прво место. Не верувам дека резултатите ќе донесат доволно стабилност за да се направи тој чекор. Но ова ќе биде почетокот на тој чекор“, изјави Јанша.

На второ место е „Листа“ на Марјан Шарец со поддршка од над 12 % од гласачите. Потенцира, нема намера да учествува во новиот кабинет на Јанша.

„Му честитам на победникот на изборите, но и натаму си стоиме на зборот од нашата кампања. Себеси не се гледаме во коалиција со СДС. Им посакуваме се најдобро“, рече Шарец.

Околу 10% освоија „Партијата на модерниот центар“ на досегашниот премиер Церар, „Левица“ и социјалдемократите.

„Секогаш се натпреваруваат речиси истите луѓе, па мојот избор го базирам на програмата што ја нудат. Гласав за некој нов.“

„Ме водеа сопствените убедувања и принципи. Ги гледав дебатите на интернет, не на телевизија или радио.“

„Гласав за платформите. Правев споредба меѓу партиите. Сакам кандидат кој е ефективен.“

„Очекував нешто постабилно. Имаме девет партии во парламентот. Премногу се. Многу мали партии. Ова не води никаде. “

„Шарец може да формира влада. Демократската партија ќе се мачи да состави кабинет. Но ќе видиме. Велат: „Политиката е уметност на возможното“.

Најголеми шанси за состав на владата, Јанша има со Новата словенечка партија и со Националната партија. Но, Словенија е исто така и пред нови можни избори. На вчерашните, 1,7 милиони гласачи бираа меѓу 1636 кандидати од 25 партии. Излезноста изнесуваше 48 проценти.

 

Маја Филдишев