Инфраструктура

И оваа сезона нема автопат во две насоки на Коридорот 10

04.06.2018 15:24

И оваа туристичка сезона нема да се вози двонасочно по Коридорот 10. Надлежните најавија- до средина на јули треба да заврши реконструкцијата на делницата Демир Капија- Неготино, и целосно обновена да биде профункционира до крајот на август...

До средината на јули ќе се работи на делницата Неготино- Демир Капија, до крајот на август ќе се рехабилитира патниот правец Демир Капија- Неготино. И оваа туристичка сезона, нема да се вози по автопат во два правци на Коридорот 10. Се пролонгираат првично проектираните тајминзи на надлежните институции од Табановце до Гевгелија да се патува по обновени и безбедни патишта. Директорот на Државни патишта вели, свлечиштето што се појавило при реконструкција на последните два километри било причина за одложување на пуштањето во јуни.

„Од патот Неготино – Демир Капија од 8,5 километри, кои се реконструираат  6,5 се направени и пуштени. На остатокот на трасата се јави едно големо свлечиште. Во моментов го регулираме тоа свлечиште на најбрз можен начин, Градежниот факултет повторно прави геомаханички испитувања. Не е работата само да се стави потпорен ѕид и потоа повторно да се прави нов пат. Во меѓувреме затворена е и другата траса од Демир Капија кон Неготино, за да се рехабилитира тотално во должина од 8,5 километри, за да може на почетокот или крајот на август да се пушти во употреба. Се надевам дека во овој дождовен период нема да се јави некое ново свлечиште“, посочува Зоран Китанов, Директор на ЈП Државни патишта.

Реконструкцијата тешка пет милиони евра, почната во април пред две години, требаше да финишира до април годинава. Од Јавното претријатие сѐ уште не презицираат ниту кога би почнале градежните работи на патот Скопје- Блаце. Китанов вели, се работи на проектите, наскоро ќе биде тендериран и направен, во фунција останува стариот пат. Автопатиштата во Македонија според безбедноста ја позиционираат државава мегу последните на европската листа. Анализите покажале, ако во земјите од ЕУ, просекот на жртви во сообраќајот е 5,2, во државава, на 100 илјади жители има 7,1 жртва.

„Станува збор за поразителни бројки и затоа од наша страна ќе преземеме сѐ за да го намалиме бројот на жртви на патиштата и максимално да ја зголемиме безбедноста. Во земјите од Европската унија има во просек 5,2 жртви во сообраќајот на 100.000 жители, а во Македонија има 7,1 жртва на 100.000 жители“, посочува Горан Сугарески, министер за транспорт и врски.

Рехабилитација на постојните, поголема сериозност во проектирање на новите патишта, построги контроли и казни за згооемување на безбедноста на патиштата препорачува експертската јавност. Налдежните велат следната година, на целиот Коридор 10 ќе бидат поставени камери, сега се снима дел од автопатот Демир Капија- Смоквица.

Сузана Фиданска- Стоевска