Собрание на РМ

Владата предлага да нема забрана за продажба на алкохол

05.06.2018 12:28

Без ограничување на времето за продажба на алкохол. Владата предлага укинување на одредбата од 2008-та која предвидуваше забраната да важи по 19 часот. Не се ограничуваат малопродажните објекти во кои ќе се врши трговија со алкохолни пијалаци. Мерката ќе придонесе за подобрување на деловната клима, велат од ресорот економија...

На Комисијата за економски прашања поминаа во прво читање измените во Законот за трговија. Со измените се предвидува укинување на временскиот лимит на продажба на алкохол, кој досега во зимскиот период беше до 19 часот, а на лето до 21 часот.

Се предлага во регулативата да се укине и обврската да се обезбеди посебен продажен простор за алкохол во продавниците. Поддршка дадоа пратениците од парламентарното мнозинство и пратеникот од ГРОМ, Панчо Минов, кој истакна дека со ова ќе се зголеми прометот на алкохолни пијалаци, а со тоа и приходите во буџетот врз основа на Данокот на додадена вредност и акцизите.

Од ресорот економија посочија, како и досега останува решението за лиценцирани продажни места за алкохол, кој ќе може да се продава и во киосци.

Според државниот секретар во Министерството за економија, Павловски, се очекува со примена на Законот да се зголемат приходите од лиценците. Во 2016-та година во државниот буџетот од дозволите се собраа приходи од речиси 26 милиони денари.

 

Игор Панов