Тевдовски: Стапката на ДДВ за станови останува 5 %

05.06.2018 12:40

Според градежниците, интересот за купување стан се зголемува. Се пролонгира и рокот за приватизација на земјиштето...

Данокот на додадена вредност од пет проценти за новите станови нема да се зголемува. Останува ист и во наредните пет години, потврди министерот за финансии Тевдовски. Според градежниците, интересот за купување стан се зголемува.

„За повластената стапка од пет проценти кај становите, нејзиното важење го поставуваме да биде до крајот на 2023-та година, секако тоа е за станбени згради и станови за првиот промет во период од пет години“, изјави министерот Тевдовски.

Се пролонгира и рокот за приватизација на земјиштето. Министерството за финансии подготви законски измени со кои на граѓаните повторно им се дава можност да поднесуваат барања за приватизација на државно градежно земјиште. Рокот за поднесување барање беше истечен и во меѓувреме граѓаните не можеа да поднесуваат барања. Сега барања ќе може да се поднесуваат повторно, заклучно декември 2021-ва.