Гватемала

Се зголемува бројот на жртвите во Фуего

05.06.2018 12:53

Спасувачките операции во Гватемала се одвиваат во исклучително отежнати услови поради пепелта, лавата и калта на теренот. Во расчистувањето на теренот асистира и војската. Гватемалскиот вулкан Фуего усмрти седумдесетина луѓе. Активноста не запира, се евакуира населението во најкритичните точки...

Тридневна жалост во Гватемала поради жртвите од ерупцијата на вулканот Фуего. Претседателот Џими Моралес прогласи и вонредна состојба за да стигне помошта брзо до регионот погоден од катастрофата. Во сурови теренски услови, припадниците на армијата и противпожарните екипи деноноќно трагаат по преживеани. Од седумдесетина загинати, властите идентификуваа 17 тела во селата Лос Лотес и Ел Родео. Повредени се стотици, а илјадници завршија во специјални засолништа.

„Активноста на вулканот е предизвикот со кој се соочуваме. Работиме со материјал со превисока температура. Операцијата ни е отежната, стоиме на тло кое е вжештено.“

„Излегов од дома, одев кон продавница. Видов дека се излева лава, течеше по патот, резервоарот со вода и низ нивите. Стигна до нас. Побегнавме. Синоќа успеав да најдам само две деца. Се уште ги бараме ќерките, внукот и синот.“

Фуего, познат како „Огнен вулкан“, е во близина на Антигва, колонијален град под заштита на УНЕСКО што веќе преживеа неколку ерупции. Висок е 3.763 метри, и е лоциран 35 километри од гватемалската престолнина.

 

Маја Филдишев