Култура

Кино и филхармонија на отворено во Градскиот парк

05.06.2018 14:13

Утре и задутре дводневен уметнички хепенинг „Градски летен парк“. Кино и филхармонија на отворено, ќе може да се погледне повеќенаградуваниот македонски филм „Исцелител“ на Ѓорче Ставревски, а задутре Филхармонијата на отворено го носи големиот африкански музичар Феми Кути, чија музика за првпат ќе прозвучи во аранжман за симфониски оркестар...

Завршувањето на концертната сезона, Македонската филхармонија ќе ја одбележи со концерт на отворено во Градскиот парк. На 7-ми јуни под диригенство и во аранжман на Емин Џијан, ќе музицира нигериската sвезда Феми Кути. Дел од неговата музика, првпат во светот ќе биде изведена, односно аранжирана за симфониски оркестар. Ќе настапи со неговиот бенд „Позитив форс“, со кој гостуваше и на Скопскиот џез фестивал во 2004-та година.

Ветувам неповторливо доживување на концертот кој што е комбинација на афро џез звуци, заедно со оркестарот на Македонската филхармонија, поддржан со џез музичари кои што се врвни на македонската сцена, рече директорот Илиески.

На 6-ти јуни во градскиот парк ќе биде организирано „Кино на отворено“, каде ќе биде прикажан наградуваниот филм на Ѓорче Ставрески- „Исцелител“.

 

Александра Спировска