Здравство

Филипче: Централизирана набавка на реагенси во корист на граѓаните

05.06.2018 15:41

Централизираната набавка на реагенси е во корист на граѓаните, тврди министерот за здравство Филипче. Очекува заштеди од неколку милиони евра. За стравувањата на Синдикатот на клиничкиот центар дека дел од кадарот ќе остане без работа, Филипче одговора – ќе нема отпуштања.

Граѓаните и натаму ќе даваат крв за проверка на местата каде што и досега се тестирале, но примероците со посебни возила ќе се транспортираат до осум централизирани лаборатории. Резултатите по електронски пат ќе се внесуваат во систем во кој ќе имаат увид лекарите. Оваа новина според ресорниот министер обезбедува поквалитетна услуга за пациентите, а заштедува и пари.

Најавата за централизирањето на лабораториите, според Синдикатот на Клиничкиот центар, предизвикало несигурност кај стручната фела која стравува дека на овој начин ќе остане без работа. Министерот уверува – нема да има отпуштања.

Сега во земјата има околу 300 лаборатории со апаратура од различни произведувачи. Се предвидува бројот да се намали на 120 и да бидат унифицирани. На овој начин, вели Филипче, ќе се оптимизира набавката и нема да има вишок реагенси кои досега се фрлаа бидејќи остануваа неискористени и со поминат рок.

 

Анита Димитријевска