Свет

Трамп и Ким потпишаа историски договор

12.06.2018 10:39

Американскиот претседател смета дека врската меѓу светот и Северна Кореја ќе се смени со овој договор. Во декларацијата се наведуваат черири клучни точки...

Лидерите на Соединетите Американски Држави и Северна Кореја, Доналд Трамп и Ким Јонг-ун потпишаа договор по историските разговори кои се одржаа во Сингапур.

Претседателот Трамп изјави дека беше потпишан „многу важен, прилично сеопфатен договор“.

„Денеска го одржавме историскиот состанок и одлучивме историјата да ја оставиме зад нас. Светот ќе види голема промена. Би сакал да му се заблагодарам на претседателот Трамп поради овој состанок“, изјави Ким.

„Многу добра волја се искористи за ова, многу работа, многу подготовки. Многу сме горди за ова што се случи денеска“, додаде Трамп. Вели дека врската меѓу светот и Северна Кореја ќе се смени со овој договор.

Како што пренесуваат светските медиуми, во декларацијата се наведуваат черири клучни точки.

САД и Северна Кореја се посветени на воспоставување на нови односи меѓу двете земји во согласност со желбите на народите на двете држави за мир и просперитет.

САД и Северна Кореја ќе работат заедно за да изградат траен и стабилен мир на Корејскиот полуостров.

Во согласност со декларацијата од Панмунџом, потпишана на 24-ти април, Северна Кореја се обврзува да работи за целосна денуклеаризација на Корејскиот полуостров.

Соединетите Држави и Северна Кореја се обврзуваат на враќање на воените затвореници и оние кои исчезнале во борби, што вклучува и враќање на оние кои веќе се идентификувани во своите земји.

По потпишувањето на документот, Трамп рече дека процесот на денуклеаризација на Корејскиот Полуостров ќе почне „многу, многу бргу“.