Република Северна Македонија за севкупна употреба

Постигнат договор за името со Грција, заштитени македонскиот јазик и народ

12.06.2018 19:48

Договорот предвидува потврда на македонскиот јазик во Обединетите Нации – македонски, без фуснота. Националноста е македонска- граѓани на Република Северна Македонија и соодветно на англиски јазик...

Постигнато решение на деценискиот спор што Грција го има со уставното име на Македонија. Република Северна Македонија е решението, новото име за севкупна употреба кое ќе се прецизира со амандман во Уставот, соопшти премиерот Зоран Заев на прес- конференција

„Решавајќи го спорот со Грција, градиме пријателство кое никогаш не било поголемо. Градиме европска перспектива, решаваме две ипол децениски спор за да ја извадиме земјата од изолација“, истакна Заев.

Договорот предвидува потврда на македонскиот јазик во Обединетите Нации – македонски, без фуснота. Националноста е македонска- граѓани на Република Северна Македонија и соодветно на англиски јазик.

Договорот, како што рече Заев, ќе биде презентиран пред сите релевантни политички субјекти во државата, потпишан од претставниците на двете влади, по што следува ратификацијата во Собранието.

„Етничкиот и културен идентитет е заштитен. Зајакнат идентитет и гаранција за безбедност и просперитет. Прецизирано македонско име, достоинствено и географски прецизно, со превод на сите јазици. Амандман во Уставот“, рече Заев. Нагласи дека нема веќе ФИРОМ, а Република Северна Македонија е името предвидено за севкупна употреба.

„Следуваат писма од грчката влада до ЕУ и до НАТО дека нема спор за името и дека нема пречки за членство во НАТО и препорака за почеток на преговорите за членство. Веруваме дека во јуни ќе ги почнеме преговорите со ЕУ, а во јули ќе добиеме и покана за полноправно членство“, рече премиерот Заев.

Наесен следува референдум, на кој граѓаните ќе одлучат за името и иднината на земјата.