Почнаа подготовките за „Пивофест 2018“

22.06.2018 15:46

Одговорните уверуваат дека ќе сторат сѐ, манифестацијата да биде безбедна и добро организирана. На фестивалот ќе настапат изведувачи од земјава и од соседството.

Почнаа подготовките за прилепскиот „Пивофест“ кој ќе се одржи од 12-ти до 15-ти јули. Одговорните уверуваат дека ќе сторат сѐ, манифестацијата да биде безбедна и добро организирана. На фестивалот ќе настапат изведувачи од земјава и од соседството.

„Во организационите подготовки се вклучени сите надлежни служби во градот: јавните комунални претпријатија, противпожарната единица, службата за итна помош, редарите, а помошта ќе биде голема и од полицијата. Годинава од буџетот на општината се одвоени 2,5 милиона денари, цената на паркирањето за еден фестивалски ден е преполовена, од 100 на 50 денари на барање на посетителите од другите градови. За младите и сите со авантуристички дух, и годинава на располагање ќе им биде кампинг-просторот во Паркот на револуцијата и сите ќе добиваат топли напитоци. Очекуваме голем број гости, туристичка промоција на Прилеп и одлична летна забава на фестивалот на кој ќе се дегустираат повеќе видови пиво и вкусна скара“, рече приелпскиот градоначалник Илија Јованоски.

На 29 локации во центарот на Прилеп, на површина од пореку 4.000 метри квадратни ќе бидат поставени штандовите, а досега се ангажирани повеќе од половината локации. Во четирите фестивалски дена ќе има богата програма и ќе гостуваат познати музички имиња од Македонија и Балканот , а музиката ќе ги задоволи сите генерации, велат организаторите.