„Браќа Манаки“

„Златна камера 300“ за животно дело за британскиот кинематографер Роџер Дикинс

28.06.2018 14:13

Британскиот оскаровец Роџер Дикинс, кинематографер на култни филмови како „Бегство од Шошенк“, „Фарго“, „Човекот кој не беше таму“, „Нема земја за стари луѓе“ и познат по соработката со браќата Коен, е лауреатот на „Златна камера 300“ за животно дело на 39. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ кој од 22-ри до 29-ти септември ќе се одржува во Битола.

Еден од најголемите живи кинематографери, Роџер Дикинс е добитник на „Златната камера 300“ за животен опус на 39-тото издание на фестивалот „Браќа Манаки“. Британскиот рекордер во номинации за „Оскар“, првата ја добил со познатиот филм „Бегство од Шошенк“ во 1995 година.

„Нашата неколкугодишна упорност да го донесеме во Македонија се оствари, и тоа во годината кога тој конечно стана оскаровец за „Блејд Ранер 2049“, рече уметничкиот директор Благоја Куновски.

Една година не дели од голем јубилеј. Четириесеттото издание на „Браќа Манаки“ ќе почне нова ера на македонскиот филм, рече претседателот на Друштвото на филмските професионалци, Иванов.

39-тото издание на „Браќа Манаки“ ќе се одржи од 22-ри до 29-ти септември.

Александра Спировска